Министерот за здравство на Косово Арменд Земај изјави дека надлежните власти во државата ги разгледуваат сите опции за соочување со новиот бран на пандемијата на Ковид-19, вклучително и враќањето на порестриктивните мерки кои беа во сила во одреден период од соочувањето со заразата.
Земај во интервју за порталот „Арбреш.инфо“ рече дека меѓу мерките кои се разгледуваат поради зголемениот број на заразени од новиот коронавирус се затворањето на границите и ограничувањето на движењето во местата кои се најпогодени од Ковид-19.
Сепак, целосното затворање на земјата, според шефот на косовското здравство, „останува како последна опција“, јави МИА од Приштина. Земај додаде дека се зависи од проценката на епидемиолошката ситуација од страна на надлежните институции.