Италија почна со спроведувањето на новите рестриктивни мерки откако бројот на заболени од коронавирус ги натера владите ширум Европа да воведуваа нови мерки за спречување на ширењето на вирусот.
Во исто време додека Европа се бори со скок на нови случаи, Австралија објави дека вториот по големина град и поранешно жариште на коронавирус, Мелбурн, излегува од блокада по скоро четиримесечно заклучување.
Италијанскиот премиер Џузепе Конте соопшти дека мерките против коронавирус се заоструваат во целата земја, откако беа регистрирани нови 20 илјади случаи во еден ден. Кината, театрите, спортските сали и базените се затворени до 24 ноември, додека рестораните и баровите ќе може да служат гости до 18 часот. Новите мерки предизвикаа протести, десетици маскирани крајно десничарски демонстранти се судрија со полицијата во Рим, а стотици луѓе палеа контејнери и гаѓаа со разни предмети кон полицијата во Неапол во изминатите денови. Италија беше меѓу првите европски земји кои беа тешко погодени од вирусот. Италија летоска успеа да го ограничи ширењето, но бројот на заболени почна да се зголемува од почетокот на октомври, за на 25 октомври да забележи над 21 илјади нови случаи.
Во меѓувреме, германскиот град Нирнберг го откажа светски познатиот божиќен пазар поради зголемениот број случаи. Влошената состојба веќе принуди неколку германски градови, како Берлин, Дизелдорф и Келн да ги откажат или строго да ги ограничат божиќните пазари. Во Германија обично има околу 2500 божиќни пазари секоја година, кои привлекуваат околу 160 милиони туристи кои носат приходи од 3,6 до 5,9 милијарди долари, според здружението на тезгаџиски индустрии БСМ.
Шпанија на 25 октомври прогласи вонредна состојба и воведе ноќен полициски час од 11 до 6 наутро во обид да го ограничи ширењето на болеста. Мерките треба да траат две недели, но премиерот Педро Санчес рече дека ќе побара од парламентот да ги продолжи на шест месеци. Шпанија пролетоска исто така беше многу тешко погодена од пандемијата. Франција на 25 октомври исто така забележа рекордни над 52 илјади нови случаи, но тамошните експерти велат дека реалната бројка веројатно е двојно повисока.
Франција веќе воведе ноќни полициски часови во големите градови, меѓу кои и Париз, а се размислува и за нови мерки. Болеста засилено се шири и во Русија.
Од друга страна, во австралиската држава Викторија од полноќ отвораат сите угостителски објекти и се дозволуваат сите спортски натпревари на отворени, откако на 26 октомври не беше регистриран ниеден нов случај на коронавирус. Од 9 ноември се укинува забраната за жителите на Мелбурн да може да патуваат до 25 километри од својот дом и ќе им биде дозволено да патуваат во други делови на државата Викторија. н