Владата на денешната 15 седница ги усвои дополнувањата на ребалансот на Буџетот за 2020 со амандманите кои беа прифатени во комисиската расправа во Собранието, и донесе заклучок вака утврдениот ребаланс да биде доставен на усвојување во Парламентот.
На денешната седница Владата го утврди и текстот на Предлог законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствен економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.
Целта на овој предлог-закон е да се обезбеди финансиска поддршка за вршителите на самостојна дејност во последниот квартал од 2020 година, со месечен износ во висина од 17.410 денари месечно за физичкото лице кое врши самостојна дејност.
На оваа седница владата продолжи со именување на директори, в.д. директори и членови на управни одбори на повеќе јавни претпријатија и акционерски друштва во сопственост на Владата. Билјана Јовановска од Агенцијата за вработување оди во Фонд за пензиско и инвалидско осигурување, како В.Д директор.
Борче Хаџиев од директор на Фонд за осигурување на депозити ќе биде директор на Бирото за јавни набавки.
Владата го именуваше Бесир Деари за в.д. заменик на директорот на Управата за финансиска полиција, а Блерим Идризи за в.д. заменик на директорот во Државниот завод за индустриска сопственост.