Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги повика турските граѓаните ја ги бојкотираат француските производи, откако се влошија односите меѓу двете земји, кои се членки на НАТО. Односите меѓу Париз и Анкара се влошија поради зацврстениот став на Париз против радикалниот ислам.
Денешните повици на Ердоган, следат откако тој пред два дена повика францускиот претседател Емануел Макрон да го провери своето ментално здравје, што доведе до тоа Париз да го отповика својот амбасадор во Анкара. Слични коментари Ердоган даде и следниот ден, а и повторно денеска.
Ердоган го повика својот народ да не купува производи со француски етикети, оти како што вели, и Франција повикала да не се купуваат турски производи.
Франција е потресена по обезглавувањето на наставникот Самуел Пети на 17 октомври од исламистички милитант, кој се одмаздувал затоа што наставникот на час употребил карикатури на пророкот Мухамед.
Освен во Турција, француски производи се бојкотираат и во други муслимански и арапски земји.
Франција и Турција меѓусебно се зависни кога станува збор за размена на стока. Француските автомобили се меѓу најпродаваните возила во Турција.