Грчката Влада ги продолжи двете министерски одлуки што се однесуваат на ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на Грција со соседните земји, меѓу кои и со Македонија, како и на забраната за влез во земјата на државјани на трети земји до 8 ноември.
Претходните две министерски одлуки беа во сила до вчера на полноќ, а по објавувањето во Службен весник на Грција, продолжени се за уште 13 дена.
Станува збор за одлуките кои постојано се продолжуваа во изминатите месеци.
Како што јавува МИА од Атина, првата одлука, се однесува на привременото ограничување на сите копнени поврзувања од и кон Грција „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот ковид-19 на грчка територија, како и забрана за влез на лица на грчка територија, освен ако исполнуваат конкретни предуслови".