Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски ја доби наградата Најдобар филм на фестивалот во Синеквест, Калифорнија. Ова е главната награда на Синеквест што ја доделува меѓународно жири, а „Врба“ е претставен како „филм што нема да го заборавите“. Ова воедно беше и американската премиера на филмот.
Успехот на „Врба“ е многу значаен за претставувањето пред американската публика, затоа што Синеквест е еден од најголемите и најреномираните независни фестивали на американскиот континент, а се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силиконската долина, седиште на најголемите технолошки гиганти како Фејсбук, Епл, Твитер, Нетликс, Зум, Линкедин.
Овогодишното јубилејно 30-то издание на фестивалот место во март, поради пандемијата се одржа онлајн од 1 до 14 октомври, со програма од 154 филмови од САД и светот, учествуваа вкупно 950 артисти, а се одржаа и 95 специјални настани поврзани со филмската работа. Фестивалската програма за кратки и анимирани филмови се квалфикува и за Оскар.
Неделава „Врба“ ќе ја има и шпанската премиера во конкуренцијата за награди на фестивалот во Валенсија. Изминатиов период „Врба“ доживеа големи интернационални успеси: Во септември беше избран во селекцијата за престижната награда за најдобар филм на Европската филмска академија (ЕФА) позната и како Европски Оскар, а доби и две номинации (за најдобар игран филм и за најдобар режисер) на еден од најголемите фестивали за независен филм Рејнденс во Лондон.