Министерот за здравство Венко Филипче синоќа оцени дека состојбата со коронавирусот е „сериозна и критична“, нагласувајќи дека притисокот врз болниците и медицинскиот персонал е огромен. „За жал, досега имаме најголем број на смртни случаи, 22 пациенти ја загубија битката со ковид-19. Регистрираме рекордни 30 проценти позитива од испитаните лица, а скоро 600 пациенти се хоспитализирани во заразни одделенија“, напиша Филипче на Фејсбук. Тој ги повика сите граѓани на максимална индивидуална одговорност и почитување на сите мерки на заштита. „Ве молам, сфатете многу сериозно дека секој од нас зависи од тоа како ќе го надминеме овој бран. Очекувам дека сите мерки и законски измени (неопходни за воведување на нови ограничувачки мерки) ќе бидат донесени итно и по скратена постапка“, напиша Филипче.
22 лица починаа, регистрирани се 561 новозаразени
Македонското Собрание на дневен ред ги измените на Законот за здравствена заштита на населението од заразни болести со кои ќе се овозможи поефикасно спроведување на инспекциите со недисциплинираните граѓани и правни лица. Измените на Законот не се најдоа на дневен ред на седницата на 20 октомври, бидејќи опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара време да ги разгледа. Со измените задолжително ќе биде носење маска на отворено, се забранува групирање на отворено после 22 часот и се ограничува бројот на гости во домовите на 4 лица.