Десетици илјади Белоруси учествуваат на протести против Александр Лукашенко денеска , на крајот од рокот кој му го даде опозицијата барајќи дотогаш да се повлече.
До протестите доаѓа и покрај предупредувањето од Министерството за внатрешни работи дека луѓето не треба да присуствуваат на демонстрации за кои не е издадена дозвола.
Пред протестите, наводно, бил нарушен мобилниот интернет и биле затворени 12 метро станици во главниот град од „безбедносни причини“. Такви мерки беа пријавени и за време на минатите протести. Очевидци исто така пријавија големо присуство на безбедносните сили во градот.
Белорусија е зафатена со протести откако Лукашенка, кој е на власт од 1994 година, беше прогласен за победник на изборите во земјата на 9 август, иако имаше обвинувањата за наместено гласање.
Вчера, неколку стотици жени маршираа низ главниот град Минск на силен дожд барајќи оставка од Лукашенка. Помали антивладини демонстрации се одржаа и во неколку други градови.
Циханускаја: Опозицијата во Белорусија нема да се откаже
Опозицијата во Белорусија наведува дека резултатите од гласањето во август биле фалсификувани и дека активистката Свјатлана Циханускаја е всушност легитимен победник. Таа замина од Белорусија за Литванија набргу по изборите поради закани врз неа и нејзиното семејство. Лукашенка се обиде веднаш да го скрши протестното движење, како што тоа го правеше во минатото, со малтретирања, апсења и полициска бруталност.
Повеќе од 12.000 Белоруси се приведени, а стотици измачувани за време на протестите во текот на следните недели. ЕУ и Соединетите држави одбија да го признаат Лукашенка, која минатиот месец одржа церемонија на инаугурација, за легитимен владетел на Белорусија.