Новата српска влада ќе има 6 нови лица и три нови министерства.
Имињата на идните министри ги објави мандатарката за состав на новата Влада на Србија, Ана Брнабиќ, по седницата на претседателството на Српската напредна партија, која освои повеќе од две третини од мандатите во Собранието на Србија. Таа и се обрати на јавноста на заедничката прес-конференција со претседателот на Србија и водачот на СНС, Александар Вучиќ.
Како што јави МИА од Белград, најголемо изнендаување е замената на ресорите на досегашниот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ во министерството за одбрана, ресорот кој досега го водеше Александар Вулин, кој пак доаѓа на неговото место за министер на полицијата. И Зорана Михајловиќ го менува ресорот и ќе биде министер за рударство и енергетика. Министрите Синиша Мали, Јадранка Јоксимовиќ, Златибот Лончар, Бранислав Недимовиќ и Вања Удовичиќ ги задржуваат своите ресори-за финсии, евроинтеграции,здравство, земјоделство и спорт.
За нов министер за надворешни работи предложен е досегашниот шеф на кабинетот на српскиот претседател, Никола Селаковиќ, а нови имиња се и Маја Гојковиќ, досегашниот прв собраниски спикер која ќе биде министер за култура, Маја Поповиќ, сегашен советник во БИА за министер за правда, Ирена Вујовиќ за министер за животна средина, а заменик директорката на Батут, д-р Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, ќе го добие ресорот за труд, вработување, ветерани и социјални прашања.
Нова личност во српската влада е и Гордана Чомиќ, поранешен пратеник, која како непартиска личност го добива новото министерство за човекови и малцински права и социјален дијалог.
Новото Министерство за семејна грижа и демографија ќе го води новинарот Ратко Дмитровиќ, а министер за грижа на селата ќе биде Милан Кркобабиќ.
Нови лица се и идната министерка за стопанство-Анѓелка Атанацковиќ, министерот за градежништво и сообраќај-Томислав Момировиќ, министерката за трговина и туризам-Татјан Матиќ, миниситерката за правда-Маја Поповиќ и министерката за државна управа-Марија Обрадовиќ.
Вучиќ ја предложи Брнабиќ за мандатар за состав на новата српска влада
Лидерот на СНС, српскиот претседател Александар Вучиќ на прес конференцијата изјави дека нивниот коалциски партнер Српската социјалистичка партија (СПС), „поради внатрешни недоразбирања сеуште го нема одредено името за нов министер за образование и две до три имиња за министри без ресор“.
Тој како цели на новата влада ги наведе борбата против мафијата, раст на економијата, Косовскиот дијалог, кој тој ќе го води, како и евроинтеграциите.