Лидерот на Европската народна партија и поранешен полски премиер, Доналд Туск, вели дека визијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан за „нелиберална демократија“ всушност е предводник во создавање на „дегенерирана демократија“ во неговата земја.
Во интервју за Радиоа Слободна Европа, Туск, исто така го пофали мирното протестно движење во Белорусија, за кое рече дека е „навистина близу“ до победа во борбата против Александр Лукашенко. За Унгарија, Туск рече дека „овој обид да се изгради нова идеологија, која Виктор Орбан ја нарекува „нелиберална демократија“, всушност значи „дегенерирана демократија“. „Едноставно кажано: демократија без владеење на правото и слобода на говор, тоа воопшто не е демократија“, рече Туск, додавајќи дека „истите негативни трендови“ може да се забележат и во неговата родна Полска.
Орбан, десничарски националист, во повеќе наврати се судри со лидерите на ЕУ во врска со неговите потези за зголемување на контролата на државата врз судството, медиумите и академските институции.
Во интервјуто, Туск рече дека демократската опозиција во Белорусија е „навистина близу до победа“. „Скоро сите водачи што ги сретнав во последните неколку месеци се свесни за фактот дека Лукашенка ќе ја изгуби оваа битка. Ако не оваа битка, тогаш сигурно, оваа војна против неговата нација и белоруското граѓанско општество “, рече тој.