Министерството за внатрешни работи покренало постапка против полицаецот, кој не реагирал на пријавата за насилство за случајот со фемицид во Гостивар, откако тоа со претставка го побара Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Станува збор за случајот во кој откако синот дознал за семејното физичко насилство врз мајка му сторено од неговиот татко, го пријавил случајот кај полицискиот службеник на влезот во дежурната служба. Полицискиот службеник му побарал телефонски број на синот, му дал насока да биде во близина на куќата на неговите родители и да чека телефонски повик од него. Сето ова поради тоа што сите служби на полициската станица во Гостивар биле ангажирани за претрес во село Здуње. Вечерта синот разговарал телефонски со полицискиот службеник, кој поради тоа што било многу доцна му сугерирал следниот ден заедно со мајка му да го пријават таткото за семејното насилство. Утрото околу 6 часот, синот дознал дека таткото ја убил мајката со секира и веднаш го пријавил случајот во полиција.
„Поради тоа што полицискиот службеник од ПС Гостивар сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина, Одделот поднел Иницијатива до СВР Тетово за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност. Исто така Одделот за внатрешна контрола поднел и Известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција“, нагласува Хелсиншки.
Според истражувањата во нашата земја, во повеќе од 80 проценти од случаите убиството се случило во заедничкиот дом или доколку била отпочната постапка за развод, во домот на родителите на жртвата, а во најголем дел од случаите убиството е извршено од страна на сегашен или поранешен партнер.