Заврши амандманската расправа за ребалансот на Буџетот

Банкноти по 1000 денари

Амандманската расправа за ребалансот на Буџетот заврши доцна синоќа, соопшти денеска заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, порачувајќи дека ликвидноста на Буџетот е добра и ќе бидат исплатени сите обврски кон буџетските корисници.

Одговарајќи на новинарски прашања Ковачевски истакна дека мерките кои се имплементирани во ребалансот на Буџетот се во насока на одржување на стандардот на граѓаните и на стопанството.
Во однос на проекциите на Светска банка за македонската економија, Ковачевски рече дека со нив само се потврдени предвидувањата на Владата и на другите меѓународни финансиски организации за негативните стапки на раст предизвикани од кризата.

Смета дека мерките што ги носи Владата како поддршка за граѓаните и за стопанството не се задоцнети, но, како што рече, остануваат отворени за разговори со сите засегнати страни. Најави дека и во иднина сите мерки ќе се креираат низ дијалог.

Со предложениот ребаланс, приходите се пониски за 0,2 отсто во однос на првиот ребаланс, расходите се повисоки за 4,2 отсто, а дефицитот е зголемен за 22,6 отсто во однос на првиот ребаланс. Вкупните приходи се планирани на ниво од 196,4 милијарди денари, расходите на 253 милијарди денари , а дефицитот е позициониран во износ од 56,6 милијарди денари, односно 8,4 отсто од БДП.