Георгиевски - Бугарија не сака промена на нашиот Устав и нов Договор

Љубчо Георгиевски

Од Бугарска страна никој не сака промена на нашиот Устав и нов Договор. Ова лично го слушнав од бугарските политичари. Софија сака спроведување на Договорот од 2017 година и конкретни резултати од работата на Мешовитиот комитет за историски прашања, вели во интервју за бугарската новинска агенција БГНЕС, поранешниот премиер Љубчо Георгиевски.

Тој беше во посета на Софија, каде разговараше со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева. Георгиевски во 1999 со неговиот тогашен колега, бугарскиот премиер Иван Костов ја потпиша „Декларација за пријателство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“.

Односите меѓу Скопје и Софија добиваат на интензитет последните месеци, откако бугарски политичари ја условија интеграцијата на Македонија во ЕУ.

Георгиевски во интервјуто наведува дека во Македонија има „длабоката држава” која работи на нарушување на нормалните односи меѓу двете земји, гради омраза и непријателство кон Бугарија. Во таа „длабока држава“ има професори, новинари, вработени во службите за национална безбедност, вели Георгиевски. Како што вели тој, и покрај таа „длабоката држава“ во Македонија, сакаме зближување со Бугарија. Гоце Делчев нè обединува, вели Георгиевски.

„Треба да ги признаеме заслугите на Зоран Заев поради неговата желба за пријателство со Бугарија, Заев и Бојко Борисов треба да изнајдат решение со кое ќе се тргне кон историско доближување“, смета Георгиевски.