ЕК загрижена за состојбата на границата меѓу Хрватска и БиХ

Мигранти - илустративна фотографија.

Европската комесарка за внатрешни работи Илва Јохансон ги оцени како „сериозни“ извештаите за злоставување на мигранти на границата меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина (БиХ) и најави разговор со властите во Загреб.

„Го добив извештајот на Данскиот совет за бегалци (ДРЦ) претставен како доказ за одбивање и нехуман и деградирачки однос кон луѓето на хрватскта граница со БиХ. Овие извештаи ги сфаќам многу сериозно. Планирам темелна расправа со хрватските власти за овие и други извештаи за кршење на основните права“, напиша Јохансон на Твитер.

Повикувајќи се на извештајот на ДРЦ, британскиот весник Гардијан објави текст за нови брутални напади врз мигранти. Според извештајот на оваа организација направрен врз основа на сведочење на мигранти кои биле цел на наводни напади во периодот меѓу 12 и 16 октомври, сторители се припадници на хрватската полиција.

Инаку, бројни организации за заштита на човековите права и меѓународни организации долго време документираат злоставување на мигранти кои се обидуваат да преминат во Хрватска од БиХ, а кои ги сториле претставници на хрватските безбедносни сили.

Совето на Европа ги предупреди хрватските власти дека мора да се спречи насилството и присилното враќање на границата со БиХ, како и да се искорени практиката на неказнивост за сериозни прекршувања на човековите права кои над мигранти ги извршиле претставниците на безбедносните сили .