Нови ограничувања во Европа и САД, расте бројот на заразени од Ковид-19

Илустративна фотографија.

Случаите на коронавирус се зголемуваат во скоро три четвртини од САД, но и огромниот наплив на инфекции во Европа ги принуди властите да воведат нови ограничувања и предупредувања за натамошни рестрикции.

Обновувањето на пандемијата ги оптеретува болниците од двете страни на Атлантикот, принудувајќи ги властите, од американската држава Висконзин до Холандија да предупредат за преоптоварените здравствени системи.

Смртните случаи од коронавирус достигнаа нови рекорди во шест американски држави, каде беснее пандемијата и го зголемува бројот на инфекции во целата земја.

Седумдневниот просек на дневни смртни случаи во САД изнесува 757, додека вкупниот број се искачи на повеќе од 222.000. Заменик директорот за заразни болести на американскиот Центар за контрола и превенција на болести изјави дека во САД има „вознемирувачки тренд“ со зголемен број на случаи на коронавирус.

Д-р Џеј Батлер на брифинг на 21 октомври рече дека еден од факторите за зголемувањето е тоа што луѓето поминуваат повеќе време во затворено во комбинација со студеното време.

Тој додаде дека „помалите, поинтимни собири на семејства, пријатели и соседи можат исто така да ја шират инфекцијата“, каде луѓето посветуваат помалку внимание на потребата за покривање на лицето и физичко дистанцирање.

Во Европа, од Полска до Португалија, земјите воведуваат нови ограничувања или предупредуваат дека ќе следуваат повеќе.

Мерките вклучуваат задолжително носење маски, ограничување на собири, затворање на барови и ресторани, па дури и враќање на целосните заклучувања.