РКЕ бара повисоки казни за операторите: 7000 евра се незначајни за нив

Марко Бислимоски, претседател на РКЕ

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) подготвува предлог измени во Законот за енергетика со кои ќе побара поголеми ингеренции и прецизирање на надлежност за да може да изрекува повисоки казни кон операторите на дистрибутивните системи, доколку поради нивна неажурност и лоша организација, ги оставиле потрошувачите без греење во време на грејна сезона, соопшти денеска Комисијата.

„Сега, овие казни се многу мали и незначајни за нив, и се од 5000 евра до 7000 евра, во зависност од делото. Со зголемување на казните, ќе делуваме превентивно и ќе се дисциплинираат операторите на дистрибутивните системи да не се чувствуваат комотно и сериозно да ја сфатат својата улога, а со тоа ќе ги заштитиме потрошувачите“, вели Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Иницијативата за зајакнување на ингеренциите преку измени во Законот за енергетика следува откако на почетокот на грејната сезона РКЕ одржала состанок со БЕГ и сите останати компании кои го снабдуваат Скопје со топлинска енергија на кој од страна на компаниите биле информирани дека ќе нема проблем за почеток на грејната сезона, но подоцна се покажало дека сепак има проблеми, па од БЕГ дале точни податоци.