Директорот на американското Национално разузнавање, Џон Ретклиф, ги обвини денеска Русија и Иран дека се обидуваат да се мешаат во овогодишните претседателски избори во САД, привлекувајќи брзи негирања од Москва и Техеран.
„Потврдивме дека некои информации за регистрација на гласачи се добиени од Иран, а одделно од Русија“, рече Ратклиф и додаде дека иако поголемиот дел од таа регистрација на гласачи е јавна, владините претставници „веќе виделе како Иран испраќа измамнички електронски пораки за заплашување на гласачите, за поттикнување социјални немири и штета на претседателот Трамп“.
Повикувајќи се на денешни имејлови, Ратклиф рече дека биле дизајнирани, според владини извори, да изгледаат како да доаѓаат од групата „Горди момчиња“, кои се залагаат за Трамп.
Набрзо по ова стасаа официјални негирања од Техеран и Москва.
„Ги отфрламе изјавите од САД дека сакаме да се мешаме во нивните избори. За Иран нема никаква разлика кој ќе победи“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хазибзадех.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави: „Обвинувањата на сметка на Русија се секојдевни, но тие не се засноваат на никакви факти“.
Американските разузнавачки агенции претходно изјавија дека „Иран може да се меша за да му наштети на Трамп, а Русија се обидува да му помогне на изборите“.