Денеска ќе се одржи редовен годишен состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ и на регионот, кој, според очекувањата, се смета за клучен за миграциските прашања, со оглед на важноста на балканската рута за барателите на азил. Во минатиот месец Унијата го презентираше новиот Пакт за азил и миграција на ЕУ со надеж да се надминат досегашните несогласувања помеѓу земјите членки на ЕУ за градење заедничка европска политика на азил и миграција.
Ковид-19 и миграцијата во светот
Во овој контекст, како што се наведува во Брисел, соработката со земјите од западен Балкан е клучна не само поради тоа што се наоѓаат непосредно на надворешните граници на ЕУ, туку и затоа што имаат перспектива на полноправно членство во заедницата. На состанокот кој ќе биде виртуелен ќе стане збор и за договорите со Фронтекс за гранично управување, организираниот криминал и трговијата со луѓе.
Фронтекс започна операција во Црна Гора, втора надвор од ЕУ
На средбата ќе се разговара исто така за „лажните“ баратели на азил од самите земји од Западен Балкан кои во ЕУ поднесуваат барања кои имаат речиси непостоечки шанси да бидат прифатени.