НАТО нема да го напушти Авганистан се додека тоа не го дозволат безбедносните услови, затоа што зголемувањето на насилството се заканува да ги попречи тековните интра-авганистански мировни разговори во Катар, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Отидовме заедно во Авганистан, заедно ќе се прилагодиме, и кога ќе биде вистинското време, кога ќе се исполнат условите, ќе заминеме заедно на координиран и уреден начин. Ова е обврска на сите сојузници и јас сум апсолутно сигурен дека сите сојузници ќе ја исполнат оваа обврска“, изјави денска Столтенберг пред на новинарите во Брисел во пресрет на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО.
НАТО ги предводеше меѓународните безбедносни напори во Авганистан од 2003 година, две години откако коалицијата предводена од САД ги собори талибанците од власт. Во моментов има околу 12 илјади војници во земјата кои вршат обуки и им помагаат на авганистанските сили за безбедност.
Околу 8.000 американски војници беа вклучени во мисијата на НАТО „Одлучна поддршка“ во август, а сојузниците на НАТО и нивните партнери се потпрат на воздушните сили, транспортот и логистиката на САД.
Американските воени команданти велат дека планот е да се намали присуството на американските трупи на 4,500 до ноември, пренесува Асошиејтед Прес.
На 7 октомври, американскиот претседател Доналд Трамп објави на Твитер дека сака сите американски трупи да го напуштат Авганистан до 25 декември. Но неговиот советник за национална безбедност, Роберт О’Брајан, минатата недела рече дека бројот на американски војници ќе се намали на 2.500 на почетокот на следната година.
Во меѓувреме, талибанските милитанти ги засилија нападите низ Авганистан дури и додека групата одржува мировни разговори со владините преговарачи во главниот град на Катар, Доха.
Разговорите „нудат најдобри шанси за мир“, рече Столтенберг, додавајќи дека мора да се зачуваат остварените придобивки во последните две децении постигнати со толку висока цена. Столтенберг ги повика талибанците да ги исполнат своите обврски, да го намалат насилството и да отворат пат за прекин на огнот.