Оваа недела се очекува министрите за одбрана на НАТО да се договорат за формирање на „Вселенски центар“ во југозападна Германија поради загриженоста на Алијансата за, како што наведуваат, сè поагресивно однесување на Русија и Кина.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во пресрет на дводневниот состанок, кој стартува утре, рече дека новиот вселенски центар треба да биде поставен во Рамштајн, воздушна база близу границата со Франција. Центарот треба да помогне во управувањето со сателитските комуникации и воените операции на Алијансата во светот.
„НАТО продолжува да се прилагодува во сите домени, вклучително и во вселената, која секоја година станува се погуста и поконкурентна. Некои земји, меѓу нив Русија и Кина, развиваат системи што можат да заслепат, оневозможат или соборат сателити“, рече Столтенберг .
Околу 2.000 сателити кружат околу земјата, од кои повеќе од половина се управуваат од членки на НАТО. Преку нив се овозможуваат доста услуги, од услуги за мобилни телефони до временска прогноза.
На состанокот на НАТО, се очекува министрите за одбрана да зборуваат и за она, што Столтенберг го нарече „руски ракетен предизвик, кој расте во обем и сложеност“.