За Владата изјавите на Каракачанов се недостојни и недолични

Красимир Каракачанов.

Недостојни и недолични се изјавите на министерот за одбрана на Република Бугарија, Красимир Каракачанов, дека е подготвен да испрати инженерски полк во С. Македонија да ги отстрани спомениците и спомен-плочите на кои пишува фашистички окупатор, рече новоименуваниот портпарол на Владата, Душко Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на Каракачанов.

Портпаролот Арсовски изрази убеденост дека Бугарија како земја-сосед која прва ја призна независноста на С. Македонија и која беше прв промотор на нејзината интеграција кон НАТО и ЕУ нема да помисли да го оспорува правото на идентитетско самоопределување на пријателскиот македонски народ, стои во соопштението на Владата.

Тој го пренесе оптимизмот на Владата дека ова не е став на мнозинството во Бугарија и дека ќе се изнајде решение со кое ќе се надмине ова недоразбирање со нашиот сосед.

Каракачанов вчера изјави дека Македонија треба да ги отстрани спомениците и деловите од учебниците на кои пишува бугарски окупатор ако сака да не се блокира меѓувладината конфенерција во декември.