Стратегијата за спречување на одливот на мозоци да не остане на хартија

Илустрација

Иако имаме Национална стратегија за соработка и спречување на одливот на млади и висококвалитетни кадри 2013-2020, таа не се спроведува, покажува анализата на Мрежата за спречување на одливот на мозоци – составена од седум граѓански организации кои работат на различни области поврзани со развојот на младите, младинските политики и права и младинското информирање.

Стратегијата е имплементирана само 11 проценти и главен заклучок е дека институциите треба суштински да му пристапат на проблемот и тој да биде приоритетен за решавање, покажува анализата на Мрежата, која денеска беше презентирана во Скопје.

„Во изминатите седум-осум години оваа стратегија била само парче хартија која е зафрлена во фиоките, институциите не знаат дека постои, нема меѓуинституционална комуникација и заедничко дејствување. Проблемот е реален, постои и треба суштински да му се пристапи“, рече Оливер Андреевски, претставник на Мрежата, на конференцијата насловена „Како институциите се справија со одливот на мозоци 2013-2020?“


Решенијата се очекуваат од надлежните институции, пред сè, од министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика, а во анализата се дефинирани области кои се приоритетни според младите – образованието, економијата, владеењето на правото и државната администрација.

За бројот на иселени од државата нема статистика, туку претпоставени бројки и затоа беше потенцирана важноста од пописот кој не е организиран од 2002 година. Според Светска банка, во последните десет години, половина милион граѓанин се иселелиле од земјава, од кои најголем дел се млади, посочија од Мрежата. Според податок од 2010 година, пак, 29 проценти од високообразовани млади живеат и работат во странство.