Околу 1.3 милиони евра се префрлени од мајката фирма на Белизе на ќерката фирма овде. Знаеме на кој датум колку средства се префрлани, сомнителните трансакции банките треба да ги пријавуваат. Мислам дека од кипарска банка се стигнати парите, изјави денеска обвинителката Вилма Русковска за случајот „Плацеви на Водно“, во емисија на ТВ24.
Предметот беше отворен завчера кога по наредба на Обвинителството за организиран криминал и корупција полицијата го приведе Ристо Новачевски, кум на поранешниот премиер Никола Груевски, кој се сомничи за сторено кривично дело перење пари со кои купиле плацеви на Водно. Во случајот познат како „Плацеви на Водно“, покрај Груевски и Новачевски, Обвинителството ги сомничи и поранешниот шеф на македонското разузнавање, Сашо Мијалков, бизнисменот Јордан Камче и неговата мајка Ратка Камчева.
Русковска денеска објасни дека треба уште некои сведоци да бидат сослушани, па предметот ќе оди на материјално-финансиско вештачење.
„Никој од осомничените не се испитани, прво тоа го правевме со сведоците. Добро за нас е што првоосомничениот кој е недостапен во државава е испитан затоа што има дадено исказ конкретно за перење пари, пред да пребегне“, рече Русковска.