Европската комисија изрази загриженост за изборот на сојузник на унгарскиот премиер Виктор Орбан за претседател на Врховниот суд на земјата. Парламентот го назначи Андрас Варга за претседател на Врховниот суд во следните девет години, и покрај тоа што националниот совет на судии ја отфрли неговата номинација заради недостиг на искуство и загриженост за независноста на судството.
Портпаролот на Комисијата Кристијан Виганд изјави дека „најновите случувања само ја потврдуваат таа загриженост“. Варга треба да ја преземе функцијата на почетокот на 2021 година. Во изминатите години тој служеше како заменик на државниот обвинител Питер Полт, друг лојалист на Орбан, кој беше критикуван од ЕУ за игнорирање на повиците за истрага на наводите за корупција против политичари и бизнисмени.