Премиерот Зоран Заев изјави дека ќе го поддржи предлогот за разрешување на директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова.
Предлогот за нејзино симнување од функцијата доаѓа од вицепремиерот Љупчо Николовски, задолжен за борба против корупција. Заев денеска изјави дека има доволно аргументи за Димова да биде разрешена од етички причини.
„Јас тој предлог ќе го прифатам, ќе дадеме сугестии доколку владата се согласи до управниот одбор да постапи заради етичкиот дел, другиот дел е нешто кое го работат други институции, ние не сме надлежни, а тоа е за евентуална кривична одговорнот за незаконско работење, но не би навлегол во тој дел. Овде имаме доволен етички дел каде што треба да се понесе одговорнота и се согласувам дека владата треба да реагира за ваквите прашања не случајно вие новинарите и сите сте будни, не повеќе за тоа дали треало да се финансира едукација на фризери или поддршка на школи, не. Односот према вас новинарите не е доволно отчетен, не е рамноправен“, рече премиерот Зоран Заев.
Не е само Еразмус, истраги и за други малверзации со европските пари
Постапката следува откако во јавноста се објавија извештаи за тоа како се делеле пари за образовни проекти преку агенцијата. За тоа дали постои евентуална злоупотреба на средствата истрага води и Финансиската полиција, која наодите треба ги достави до Јавното обвинителство. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, исто така, бара оставка од Димова, а таа пак, на прес-конференција ги отфрли сомнежите и порача дека нема да се повлече додека не се истражи проневера на 2,2 милиони евра од претходното раководство на Националната агенција. И од Брисел соопштија дека Европската Комисија ќе ја проверува можната злоупотреба на европските фондови.