Притвор од времетраење од 30 дена, но и мерка за одземање на имот заради обезбедување се мерките кои денеска ги донесе судијата на претходна постапка за осомничениот Ристо Новачевски, кум на поранешниот премиер Никола Груевски. Јавното обвинителство го товари за сторено кривично дело перење пари со кои се купувале плацеви на Водно. Во соопштението од Основниот суд Скопје 1 е наведено дека постапиле по предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор.
„ Се определува привремена мерка одземање на имот заради обезбедување поради постоење на основано сомневање дека потекнува од кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл. 273 ст.1 од КЗ на начин што на правното лице му се забранува отуѓување и располагање со недвижен имот од три катастарски парцели со вкупна површина од над 10.000 квадратни метри во вредност од 1.180.000 евра,“ посочија од Основен кривичен суд Скопје.
Претходно денеска обвинителката Вилма Русковска од судијата на претходна постапка од Кривичниот суд во Скопје побарала притвор и замрзнување на имотот за осомничениот Ристо Новачевски кој се товари за сторено кривично дело перење пари со кои се купувале плацеви на Водно.
Во случајот познат како „Плацеви на Водно“, покрај Груевски и Новачевски, Обвинителството ги сомничи и поранешниот шеф на македонското разузнавање, Сашо Мијалков, бизнисменот Јордан Камчев и неговата мајка Ратка Камчева.
Случај „Плацеви на Водно“: Приведен кумот на Никола Груевски
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција претпладнево инфомираа за отворање истрага „против шест лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Перење пари и други приноси“.
Во периодот од 2006 до 2012 година првоосомничениот, како претседател на политичка партија, дел од паричните средства кои во овој период ги примил лично или преку општинските комитети на партијата како донации за финансирање на политичката партија, не ги прикажал како примени донации во финансиските квартални извештаи на партијата и од нив за себе присвоил пари во износ најмалку од 1.300.360 евра се вели во сооптението на Јавното обвинителство.
„Во периодот од октомври 2012 година до септември 2013 година, средствата прибавени со кривичното дело, ги пуштил во оптек со купување на градежно земјиште на Водно. Второосомничениот, иако знаел дека паричните средства се прибавени со кривично дело, стапил во контакт со сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и побарал документацијата, печатите и жиросметката да му бидат дадени на располагање“, се вели во денешното соопштение од Основното јавно обвинителство.