Од стартот на отворањето на градинките досега има вкупно 18 деца и 55 вработени позитивни на корона вирусот, изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Бројот на заболени деца и вработени во градинките во последните две недели се зголемува, но генерално нивната здравствена состојба е добра, оцени министерката, и, како што рече, трендот е ист како и епидемиолошката состојба во земјава. Во периодот од 6 до 19 октомври регистрирани се шест дечиња и 21 вработен позитивени на вирусот.
„Здравствената состојба на сите што досега беа позитивни дечиња и вработени е добра. Немаме хоспитализација, освен оние две што претходно се завршени. На голем дел периодов им заврши изолацијата така што генерално здравствената состојба на децата и вработените во градинките е добра“, изјави Шахпаска, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на градинката „Темјанушка” во Гази Баба.
Таа додаде дека состојбата се следи и ќе се носат одлуки во консултација и соработка со здравствените и локалните власти.