По наредба на Обвинителството за организиран криминал и корупција полицијата утрово го приведе Ристо Новачевски, кум на поранешниот премиер Никола Груевски, кој се сомничи за сторено кривично дело перење пари со кои купиле плацеви на Водно. Тој веќе е изнесен пред судија на претходна постапка, пренесе МИА.
Во случајот познат како „Плацеви на Водно“, покрај Груевски и Новачевски, Обвинителството ги сомничи и поранешниот шеф на македонското разузнавање, Сашо Мијалков, бизнисменот Јордан Камче и неговата мајка Ратка Камчева.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција претпладнево инфомираа за отворање истрага „против шест лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Перење пари и други приноси“.
„Во периодот од 2006 до 2012 година првоосомничениот, како претседател на политичка партија, дел од паричните средства кои во овој период ги примил лично или преку општинските комитети на партијата како донации за финансирање на политичката партија, не ги прикажал како примени донации во финансиските квартални извештаи на партијата и од нив за себе присвоил пари во износ најмалку од 1.300.360 евра или 79.972.140,00 денари. Во периодот од октомври 2012 година до септември 2013 година, средствата прибавени со кривичното дело, ги пуштил во оптек со купување на градежно земјиште на Водно. Второосомничениот, иако знаел дека паричните средства се прибавени со кривично дело, стапил во контакт со сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и побарал документацијата, печатите и жиросметката да му бидат дадени на располагање“, се вели во денешното соопштение од Основното јавно обвинителство.