Илјадници Белоруси излегоа на нови демонстрации против Александар Лукашенко, и покрај заканите на полицијата дека ќе употреби боева муниција доколку е потребно. Министерството за внатрешни работи на Белорусија соопшти дека „досега во Минск се уапсени повеќе од 200 демонстранти“. Групата за заштита на човековите права Весна (Пролет) соопшти дека полицијата апсела и новинари. За разлика од претходните протести, демонстрантите вчера не се собраа во центарот на Минск, туку на периферијата на градот, каде се наоѓаат бројни фабрики.
Циханускаја го повика Лукашенко да се повлече од функцијата
Овој протест е прв откако лидерот на опозицијата Светлана Циханускаја, која се засолни во Литванија за да избегне апсење, му постави ултиматум на Лукашенко да се повлече од функцијата до 25 октомври. Таа најави дека во спротивно ќе ги повика сите граѓани да излезат на улица и да започнат генерален штрајк.
ЕУ со предупредување до Белорусија и Русија
Белорусија е погодена од политичка криза уште од претседателските избори, кога започнаа масовни антивладини протести низ целата земја, иницирани од официјалните резултати на гласањето, според кои Лукашенко освои повеќе од 80 проценти од гласовите. Противниците на Лукашенко тврдат дека изборите биле украдени.