БГНЕС - Георгиевски во објаснувачка мисија во Бугарија

Љубчо Георгиевски - претседател на ВМРО Народна партија.

Поранешниот македонски премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски во наредните денови ќе пристигне во Бугарија за да помогне во решавањето на тековните спорови меѓу двете земји, јавува бугарската новинска агенција БГНЕС, пренесува МИА.

БГНЕС пишува дека посетата ќе се реализира откако Георгиевски неодамна имал разговор со премиерот Зоран Заев, а дека Георгиевски најавил оти ќе има јавни настапи со цел „да разбие некои тези кои во моментов се шират во Бугарија.

Ваквите најави доаѓаат откако вчера завршија дводневните средби во Клубот на пратениците во Скопје меѓу членовите на заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија.

Комисијата беше формирана по потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија во 2017 година.

Инаку членовите на комисијата се сретнуваат по речиси една година пауза во работата.

Копретседателите на комисијата Драги Ѓорѓиев и Ангел Димитров по вчерашниот состанок рекоа дека два дена воделе „интензивни и напорни дискусии.“

Шефот на македоснкиот тим Ѓоѓиев рече дека и натаму останува клучното досегашно несогласување Гоце Делчев, што и понатаму останува пречка за сопнување.

Димитров, пак, како шеф на бугарскиот тим изјави дека се постигнати мали помнестувања за учебниците и наведе дека тоа што го завршиле на вчерашниот состанок е мал чекор напред.

Договорена е уште една средба до крајот на годинава и пет следната година.

Во меѓувреме, додека историчарите беа на средба во Скопје, продолжија пораките од македонските и бугарските политичари.

Претходно оваа година, Бугарија испрати до ЕУ објаснувачкиот меморандум за односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија.

Во него се бара билатералниот договор меѓу Скопје и Софија и добрите меѓусоседски односи да бидат дел од Преговарачка рамка за зачленување на Република Северна Македонија во ЕУ и да бидат дел од поглавјето 35.