„Jа остваруваме Хипократовата заклетва“

Студенти по општа медицина кои ќе помагаат на епидемиолозите

Студентите од 6-та година на општа медицина ќе помагаат на колегите епидемиолози, кои се во првите борбени редови во актуелната пандемија на коронавирусот. Тие се горди што Министерството за здравство ималo доверба во нив за да побара помош.

Здравствени работници, кои со месеци неуморно се борат со кризата од коронавирусот, следниот период ќе добијат засилување. Студентите од 6-та година по општа медицина ќе им помагаат и тоа поделени по 50 студенти во три групи ќе ротираат на два месеци.

Студентите донесоа едногласна одлука да помогнат на колегите епидемиолози, а дел од овие групи се и студентките Тереза Кузмановска и Теа Михајлова, која е и претседател на Факултетското собрание при Медицинскиот факултет.

РСЕ: Како дојдовте до едногласна одлука да помогнете на вашите колеги? Што ве мотивираше?

Теа Михајлова, студентка по општа медицина и претседател на Факултетското собрание при Медицинскиот факултет

Михајлова: Видете сепак станува збор за инстинкт, за истиот оној инстинкт кој не предводел да се запишеме на Медицински Факултет. Не повикаа, се собравме и сите едногласно изгласавме „ДА“, без притоа да се исконсултираме меѓу себе. Некои ќе не сметаат за храбри, други за неразумни, но на крајот остануваат етиката и моралот според кои ние како студенти и идни лекари се водиме. Не го правиме ова со цел да стекнеме на публицитет, напротив, си ја остваруваме во целост Хипократовата заклетва. Волонтери, доброволци, како сакате наречете не, но ние сме горди што Министерството за здравство има доверба во нас за да побара помош.

Кузмановска: Уште од самиот почеток на пандемијата со КОВИД-19, земајќи го во предвид проблемот со кој се соочија европските држави, ние студентите бевме свесни дека нашиот здравствен систем е изложен пред сериозен предизвик, затоа и самите студенти покренавме иницијатива уште тогаш активно да учествуваме во справување со целата ситуација, но за среќа, здравствениот систем успеа да се реорганизира и да менаџира со предизвикот без притоа да мораат да бидат вклучени и студентите од општа медицина. Сега сме соочени со голем број на позитивни пациенти и несомнено е потребна дополнителна помош на здравствениот систем, така што повикот од министерот за здравство за наша помош, ние студентите, како идни лекари и колеги на епидемиолозите сериозно го разгледавме и одлуката за активно да учествуваме во справување со кризата не претставуваше никаков проблем. Сметаме дека сме подготвени одговорно да одговориме на нашата задача, а од тоа секако ќе имаат бенефит и здравствениот систем и ние студентите.

РСЕ: Кои се твоите очекувања од овој ангажман, како професионално искуство, така и лично?

Михајлова: Ние секојдневно стекнуваме ново искуство низ просториите на клиниките и сега се бара од нас истото барем на момент да го имплементираме во реалноста. Желба и сон на секој студент, верувајте. Самото тоа што ќе бидеме дел од борбените редови против оваа пандемија не гради на психолошки план како поцврсти личности.

Тереза Кузамновска, студент по општа медицина

Кузмановска: Ова ќе претставува дел од нашата практична работа, што ние задолжително ја обавуваме во 6-та година, но сега ќе биде насочена кон решавање конкретно на КОВИД-19 ситуацијата што за сите претставува предизвик, така што за нас како идни млади лекари значително ќе има влијание на нашата подготвеност кон справување кон идните предизвици што би не очекувале. Секако, ова за нас претставува и еден вид вовед во работата на здравствениот систем со која што ќе се соочиме за релативно краток период од година дена.

РСЕ: Се плашите ли да не се заразите и вие?

Михајлова: Не, бидејќи уште на почетокот на пандемијава ние го известивме Министерството за здравство дека им стоиме на располагање во секој момент. И конечно го дочекавме тој ден. И покрај тоа што бројката на заболени драстично расте и истата се очекува уште повеќе да ескалира, предвидените протоколи за заштита, без разлика дали при работа или вон неа, се запазени во целост. И притоа да нагласам, ова не е вработување, ова не е покриено со паричен надоместок и договор, ова го правиме од наша желба и почит спрема општеството во кое живееме со цел истото да го издигнеме на повисоко ниво.

Кузмановска: Ние студентите од општа медицина имаме практична настава со физичко присуство и секој ден сме во контакт со голем број на пациенти и колеги при што одговорно ги почитуваме актуелните мерки за лична заштита и протоколите за работа. Нашата задача во овој случај не донесува дополнителен ризик, бидејќи ние директно нема да бидеме изложени на пациентите позитивни на Ковид-19, така да нема простор за страв.

РСЕ: Како е предвиден распоредот за вашите ангажмани?

Михајлова: Студентите од 6-та година по општа медицина ќе бидат распределени во сите Центри за јавно здравје на ниво на цела држава, воедно во Скопје и во Институтот за јавно здравје и во Државниот санитарен и здравствен инспекторат. По 50 студенти на 2 месеци ќе ротираат во 3 турнуси. Периодот на работа ќе се движи од 8 часот наутро до 14 часот попладне и ќе се состои од пополнување на епидемиолошки анкети, протоколи и решенија за самоизолација и слично, без притоа да имаме директен контакт со заболените.