Радев- не може да се прават компромиси со историја, идентитет и јазик

Архивска фотографија- Румен Радев, претседател на Бугарија

Треба да се најде политичко решение, но не може да се прават компромиси со историјата и јазикот или со барања за национални малцинства, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев во врска со недоразбирањата меѓу Софија и Скопје и очекувањата од средбата на заедничката комисија за историски и образовни прашања.

„Членовите на бугарско-македонската комисија се професионалци, тие ќе ја бараат и бранат, како и досега, историската вистина и бугарскиот национален интерес. Мојата порака до нив е дека политичарите не можат да абдицираат од овој важен процес за Бугарија и за Македонија и ЕУ. Крајно време е да се најде политичко решение што ќе ги потврди сите принципи на почитување на историјата и добрососедството и почитување на нашиот идентитет и јазик„, рече Радев.

Тоа, според него, првенствено е одговорност на земјата – кандидат за членство во ЕУ, пренесува БГНЕС.

„Секогаш има простор за компромиси, но тие не можат да се прават со историја, идентитет и јазик, или со барање за националните малцинства“, нагласи Радев.

Во меѓувреме во Скопје, заедничката бугарско-македонска комисија за историски и образовни прашања ја завршува дводневната средба до која дојде по пауза од речиси една година. Деталите од состанокот на историчарите се најавени за попладнево.