Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби вели дека нема нови документи и нови условувања од Бугарија.
„Нема никакви работи на маса или под маса коишто би се дискутирале, туку се придржуваме на договорот и на се што е составен дел од договорот“, рече Груби вечерва за 24 анализа. Тој верува дека ќе се надминат сите прашања и Бугарија ќе остане најголем поддржувач на земјата за интеграција во ЕУ.
Во врска со нови уставни измени на инсистирање на Бугарија, Груби дециден дека апсолутно нема.
„Официјално нема никаков предлог, официјално нема никаква идеја. Официјално постои само добрососедскиот договор со Република Бугарија. И комисиите работат на усогласување на ставовите по однос на сите тие составни точки на Договорот за добрососедство со Република Бугарија. Нема никакви условувања, нема никаква потреба за промена на Уставот“, вели тој.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред два дена јавно запраша дали Бугарија бара нов договор кој предвидува и уставни измени.