Лидија Димковска, прва македонска добитничка на наградата „Наим Фрашери“

Македонската поетеса Лидија Димковска

Добитник на големата награда „Наим Фрашери“, на 24-тото издание на Меѓународниот поетски фестивал „Денови на Наим“ е македонската поетеса Лидија Димковска, одлучи жирито на Фестивалот, кој ќе се одржи од денеска до 18-ти октомври во Тетово.

Димковска е првата македонска добитничка на оваа престижна поетска награда. Поради пандемијата со Ковид-19, таа не може да присуствува на фестивалот, па преку писмо јавно се заблагодарува за наградата.

„Многу се радувам што годинава токму мојата поезија ја избравте да биде наградена со високото меѓународно поетско признание кое го носи името на врвниот албански поет Наим Фрашери. Ми претставува чест што во 24-годишното постоење на наградата и на самиот поетски фестивал 'Денови на Наим', сум првата македонска добитничка на наградата. Чувствувам потреба наградата симболично да ја споделам и да им ја посветам на сите оние македонски поети и поетеси кои можеа да ја добијат во сите овие години, но таа, ете, ме почека мене“, пишува Димковска во писмото.

Во писмото за благодарност, Димковска се осврнува и на поетската и хуманистичката големина на албанскиот поет Наим Фрашери.

„Да можеа да се сретнат во исто време и на исто место Наим Фрашери и Блаже Конески сигурна сум дека цврсто ќе си ги стиснеа рацете и со часови ќе разговараа на многу теми. Ќе можеа и критички да се изјаснат на сметка на злоупотребите на големите поети во дневно-политичките пресметки на национална основа“, пишува македонската поетеса.