Заев контра ММФ: Пад на економијата од 4,4 проценти

Зоран Заев, премиер на Владата на Северна Македонија

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека Владата ги следи сите параметри во делот на БДП, на задолжувањето, во делот на приходите на државата и севкупните движења и тенденции, и дека нејзините очекувања се пад на економијата од 4,4 проценти, наспроти прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кои предвидуваат намалување на бруто домашниот производ на земјата за оваа година од 5,4 отсто.

Коментирајќи ја октомвриската прогоза на ММФ, Заев рече дека првичните превидувања на Владата биле за пад на БДП до пет проценти, но сега се намалени на 4,4 отсто, заради тоа што се очекува антикризните мерки да го покријат тој пад од 0,6 процентни поени.

„Затоа пуштивме пари, затоа е четвртиот пакет на мерки и верувам дека ќе успееме во тоа. ММФ сега на квартално ги дава своите анализи и очекуваме да прават и нови проценки. Верувам дека ние имаме порелевантни податоци, ги следиме приходите на државата и производството. Верувам, според она што го следам, дека ќе бидеме една од државите со најмал негативен импакт, ако не и со најмал негативен импакт од корона кризата во регионот. Секогаш се бориме да се споредиме во успешноста во политиките и верувам дека ќе успееме“, рече Заев.

ММФ во својата октомвриската прогноза предвидува економијата на земјава во текот на оваа година ќе забележи пад од 5,4 отсто како резултат на последиците од пандемијата од Ковид-19, по што во текот на 2021 година ќе следи раст на БДП од 5,5 проценти.