Не е само Еразмус, истраги и за други малверзации со европските пари

Фотографија од интернет страната на Националната агенција за европски програми и мобилност

Под лупа од неколку истражни македонски, но и европски институции е ставена работата на Националната агенција за европски програми и мобилност по објавувањето на аферата „Фризерница“ за сомнително доделување на грантови од европски пари. Институциите ги разгледуваат и двата предмета, едниот дека претходниците на директорката Лидија Димова проневериле 2,2 милиони евра, а другиот дека Димова се сомничи за злоупотреба на европски фондови и македонски буџет.

Еразмус плус, Еуридика, Европас и Еурогајденс се четирите програми за кои група луѓе, најверојано вработени во Националната агенција за европски програми, пријавиле сомнеж за злоупотреба на европски пари, покажуваат пријавите кои пристигнале до Антикорупциската комисија. Членот на комисијата кој го води овој предмет Нури Бајрами за РСЕ вели дека до Комисијата во мај годинава пристигнале првите анонимни пријави за сомнеж во работата на директорката на Националната агенција за европски програми Лидија Димова кои, според содржината, наликуваат дека се доставени од група вработени во Агенцијата. Покрај сомнежите за злоупотреба на европските фондови до нив пристигнала и пријава од правно лице за злоупотреба на македонскиот буџет, односно за една јавна набавка. Бајрами додава дека немаат конкретна информација околу сомневањата колку вкупно пари се излеале од Агенцијата.

„До тука е нашето, има сомневања и бараме од надлежните институции да постапуваат за да се расчистат сомнежите и да се одреди одговорност дали има или нема злоупотреба, а во однос на средствата од буџетот, тоа што беше наведено во една пријава, наводно се земени кеш од благајна во вредност од 15 илјади евра, и тоа беше се од буџетот и тоа е во тек на истражување и расветлување на случајот“, изјави Бајрами.

Видете и ова: Случај европски пари за фризерница - Димова не дава оставка

Од Министерството за образование, на новинарските прашања какви пропусти утврдиле по барањето на Антикорупциска, како и дали воопшто постапиле по тврдењата на Димова дека открила незаконито работење на Агенцијата во време на претходната структура и проневера преку неколку училишта и, како што ги нарече, лажни посредници, посочија дека се известени за сите наводи за сомнежи за злоупотреби, но нема да споделуваат информации со јавноста поради отворените предистражни постапки.


Во одговорите на МОН до Антикорупциската комисија, пак, е наведено дека утврдиле одредени финансиски пропусти и дека веќе бил извршен надзор и иницирани внатрешни постапки, како и дека поднеле кривична пријава до Основното јавно обвинителство.

„Не е наведена штетата во одговорот на МОН затоа што тоа се детали од предистражна и истражна постапка. Но тоа беше наведено од страна на Лидија Димова дека се средства од 2,2 милиони евра проневерени од претходната структура, што така јавно таа го изнесе, а тоа треба да чекаме да го потврдат надлежните органи како што е Управата за финансиска полиција и Основното јавно обвинителство“, вели Бајрами.

Од МВР до Антикорупциската комисија стигнало известување дека предметот за сомнителното работење на Националната агенција со европските пари е даден во надлежност на Одделот за сузбивање на организиран криминал и сериозен криминал при МВР.

Од Јавното обвинителство за Радио Слободна Европа велат дека се процесирани пријавите кои пристигнале од Антикорупциската комисија за финансиски пропусти во работењето на Националната агенција, потоа по допрен глас од новинарското истражување, како и од актуелната директорка Лидија Димова за работењето на претходната структура.

Видете и ова: Афера „Фризерница“- како се трошат европските пари ?

„Предметите за кои покажувате интерес се во предистражна постапка и по нив постапуваат надлежни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои ги преземаат сите неопходни дејствија за расветлување на случаите. Во моментов Обвинителството не може да сподели повеќе детали“, се вели во одговорот од ОЈО.

ЕК истражува дали имало проневера на пари од Еразмус плус

Дополнително и Финансиската полиција соопшти дека во координација со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Финансиската полиција отворила предистрага за Националната агенција за европски образовни програми, каде што сега директорува Димова. Претходно во текот на летото до Управата за финансиска полиција пристигнале неколку пријави за работењето на оваа Агенција, но оттаму не откриваат за кој временски период станува збор, односно дали е во времето на директорување на Димова или на нејзиниот претходник Дарко Димитров.

ВМРО ДПМНЕ бара оставка од Димова, таа вели нема ништо незаконско

Николовски: Институциите го проверуваат случајот за доделувањето средства од ЕУ

Националната агенција за европски образовни програми деновиве силно ја разбранува јавноста. Димова е во фокусот на вниманието откако порталот „А1он“ објави новинарско истражување во кое беше посочено дека 270.000 евра европски пари преку грантови во изминативе три години му биле доделени на еден фризерски салон од програмата „Еразмус 2“. Станува збор за сомнително доделување на грантови на фирми на кои што едукацијата не им е заведена во институциите како примарна дејност.

Димова на вчерашната прес конференција ги негираше обвинувањата дека на сомнителен начин биле доделувани пари од Агенцијата посочувајќи дека правилата на Брисел се строги и дека Агенцијата под нејзино раководство не ги прекршила. Но, додаде дека нејзините претходници тоа лесно го правеле.

Колку пари недостасуваат од касата на Агенцијата и како се трошат европските пари се клучните прашања што се наметнаа деновиве по објавувањето на аферата, сега веќе позната во јавноста како „Фризерница“.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува за стотици илјади евра проневерени во име на грантови за тренирање на магариња, коњи и фризерници, а сегашната директорка Лидија Димова вели дека поранешната структура е таа што била криминална.

Претходник на Димова во Агенцијата беше Дарко Димитров. За него и неговата работа нема податоци на веб страната на Националната агенција за европски програми, но според интервјуата за медиуми на таа позиција дошол околу 2014 година, а бил разрешен со поставувањето на Димова во декември 2017 година.

За сомнително трошење и доделување на европските грантови од европските програми првиот пат во јавноста беше обвинет од тогашната опозиција (СДСМ) директорот Бошко Нелкоски. Тој си поднесе оставка, а тогашната влада најавуваше истрага затоа што со сомнителнителното делење на пари ги доведе пред врата европските истражни органи.

Европската комисија почна истрага за тоа дали Нелкоски незаконски им делел европски пари на „роднински“ и „пријателски“ организации, и направи суспензија на децентрализираните средства кои ги доделува Националната агенција во рок од две години. За Македонија на две години беа недостапни европските пари од програмите „Млади во акција“ и „Доживотно учење“. Нелкоски во 2010 година си поднесе оставка, во која ги негираше тврдењата во медиумите и истакнувајќи дека против него се води хајка базирана на измислици и невистини.

Националната агенција, според новинарските истражувања, и по оставката на Нелкоски, си продолжи со доделување на истите младински организации кои беа оспорувани претходно.