Нема нов догоговор со Бугарија, туку зајакнување на меѓусебната комуникација на сите нивоа, напиша на Фејсбук министерот за надворешни работи, Бујар Османи, како реакција на прашањето на претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дали на средбата со шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, во Софија, Османи добил предлог за нов договор, сличен на Преспанскиот, според кој ќе треба со уставни измени да се дефинира постоењето на македонската нација и јазик од 1945 година.
„Околу односите со Бугарија и мојата посета, сакам да истакнам: Нема нов Договор, туку има засилување на меѓусебната комуникација на повеќе нивоа. Притоа отворено разговараме за сите прашања кои произлегуваат од Договорот за пријателство, ги преземаме сите чекори за да им обезбедиме на Комисиите непречена работа, за што испративме јавна благодарност за нивниот досегашен резултат, како и охрабрување за интензивирање на нивната работа. Впрочем, Мешовитата експертска комисија веќе утре и задутре ќе одржи средба во Скопје, што ќе претставува уште еден чекор кон исполнување на обврските од договорот“, напиша Османи во реакцијата на вчерашната прес-конференција на Мицкоски.
Османи истакнува дека посета на Бугарија била позитивна, бидејќи се отвориле сите прашања, се зајакнала меѓусебната комуникација, но најважно, се реафирмирала заедничката желба и заедничкиот интерес за европската перспектива на Република Северна Македонија.