Мицкоски: Бара ли Бугарија нов договор со уставни измени?

Прес-конференција на Христијан Мицкоски, ден по предвремените парламентарни избори 2020

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека треба да се праша министерот за надворешни работи Бујар Османи дали неговата колешка од Бугарија Екатерина Захариева предложила да се потпише нов договор.

„Договор кој ќе биде сличен на Преспанскиот со уставни измени, каде ќе се дефинира постоењето на македонската нација и јазик од 1945 наваму, а пред 1945 дека сме биле нешто друго. Еве да го прашаме дали ова е точно и дали е ова услов за понатамошно продолжување на преговорите“, рече Мицкоски во интервју на телевизијата Канал 5.

Според него, не смее да се остави политичари кои спасувајќи ги своите политички кариери ја уништуваат нацијата „асимилирајќи ја нацијата, уништувајќи ја современата македонска држава“.

Мицкоски рече дека претседателот на Владата, Зоран Заев во 2016 година им ветил на бугарски политичари дека „се ќе признае, само Бугарите да му дадат поддршка и да биде премиер“.