Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата Љупчо Николовски на својот профил на Фејсбук објави дека надлежните институции, секоја во рамки на својата надлежност, започнале со проверка на случајот за доделување финансиски средства од Европската унија преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
„Како вицепремиер за борба против корупцијата и криминалот, во постојана комуникација сум со институциите, а случајот целосно ќе се истражи и расчисти. Истрагите не ја исклучуваат и политичката одговорност ако за тоа има основа. Како член на Владата одговорен за спроведување на етичкиот кодекс, активно го следам развојот на настаните и ќе ја известам јавноста за секоја понатамошна релевантна информација, додава Николовски во објавата.
Националната агенција за европски образовни програми деновиве силно ја разбранува јавноста. Колку пари недостасуваат од касата на агенцијата и како се трошат европските пари се клучните прашања што се наметнаа деновиве по објавувањето на аферата, сега веќе позната во јавноста како „Фризерница“. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува за стотици илјади евра проневерени во име на грантови за тренирање на магариња, коњи и фризерници, а сегашната директорка Лидија Димова вели дека поранешната структура е таа што била криминална. Таа на прес-конферецнија рече дека нема да си даде оставка.