Ерменија и Азербејџан се обвинуваат за кршење на примирјето во Нагорно Карабах

Илустрација - Неиспукана граната во близина на местото Степанакерт во Нагорно Карабах

Ерменските и азербејџанските сили продолжуваат да разменуваат оган во и околу отцепената област Нагорно-Карабах и покрај меѓународните повици до двете страни да го спроведат хуманитарниот прекин на огнот со посредство на Русија. Министерството за одбрана на Азербејџан денеска соопшти дека состојбата во неколку сектори во зоната на конфликтот останала напната во текот на ноќта и ги обвини ерменските вооружени сили за гранатирање на областа Татар во утринските часови.

Ерменското Министерство за одбрана го негираше обвинението и возврати дека азербејџанската страна „ги продолжила своите активности, придружени со активен ракетен и артилериски оган, во јужните, северните и североисточните сектори на фронтот“.

Портпарол на азербејџанското Министерство за одбрана тврди дека војската на копно „не изведува никакви напади и не започнува никаква офанзива“ и „целосно го почитува хуманитарниот прекин на огнот“.

Договорот за прекин на огнот постигнат во Москва на 10 октомври требаше да им овозможи на етничките ерменски сили и Азербејџан да разменуваат затвореници и тела на стотици војници и цивили убиени за време на двенеделни борби.

Борбите избувнаа во и околу отцепениот регион на 27 септември - најголемата ескалација во конфликтот околу Нагорно Карабах од несигурниот прекин на огнот во 1994 година. Нагорно-Карабах е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но управува и е населен со етнички Ерменци.