Американскиот претседател Доналд Трамп се врати на предизборната патека за прв пат по заразувањето со новиот коронавирус. Вчерашниот митинг на претседателот во Санфорд, Флорида, се случи во време кога тој се обидува да се поврати на помалку од три недели пред изборите на 3 ноември и во време кога анкетите покажаа дека заостанува зад неговиот демократски ривал Џо Бајден.
Трамп го искористи митингот за да говори за справувањето на неговата администрација со пандемијата и за сопственото закрепнување од вирусот, откако доби експериментални лекови и некои од најдобрите третмани понудени на планетата.
„Поминав низ тоа и сега тие велат дека сум имун. Се чувствувам толку моќно“, им рече Трамп на поддржувачите, од кои малкумина држеа физичка дистанца или носеа маски.
Пред почетокот на митингот, неговиот лекар објави изјава во која се вели дека претседателот имал негативен тест за Ковид-19.
Во САД коронавирусот до сега зарази 7,8 милиони Американци, а починаа над 214000. Администрацијата на Трамп се соочи со широка критика за нејзиното справување со пандемијата, како и за лабавиот пристап кон носењето маски и држењето растојание.