Европската унија ги предупреди Белорусија и Русија дека е подготвена да донесе нови санкции против двете земји, бидејќи најголемите сили на блокот сигнализираат оти истекува трпението во врска со корупцијата и недостатокот на демократија. На состанокот во Луксембург, министрите за надворешни работи од 27-те членки на ЕУ повторија дека изборите во Белорусија во август не беа „ниту слободни ниту фер“ и се заканија дека ќе воведат рестриктивни мерки кон Александар Лукашенко, автократскиот лидер на земјата, велејќи дека тој „нема демократски легитимитет“. „Советот на ЕУ најостро го осудува насилството што го користат белоруските власти врз мирољубивите демонстранти и повикува на ослободување на сите притворени лица, вклучително и на политички затвореници“, се наведува во изјавата.
ЕУ предупредува дека е подготвена да го санкционира Лукашенка
На почетокот на овој месец блокот се согласи да воведе визни забрани и замрзнување на средствата на 40 белоруски официјални лица за нивната наводна улога во репресијата на демонстрантите и опозицијата. Лукашенко не е вклучен на списокот. Подоцна на состанокот, министрите, наводно, го поддржале и предлогот на Париз и Берлин да воведат санкции за Русите осомничени дека биле вмешани во труењето на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални во август.