Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека разговорите меѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи и бугарскиот премиер Бојко Борисов биле добри, но тоа не било случајот со разговорите со шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева кои ги оцени како не баш добри.
Тој порача дека она што е предложено до бугарската страна ниту е добрососедство, ниту е братство, ниту е најмалку европско. Ако тоа така остане, според него, ќе треба народот да се подготви дека може нема да отпочне првата меѓувладина конференција со ЕУ која се очекува во декември.
„Но, јас верувам дека тоа не е став на премиерот Борисов, мојот пријател и брат, верувам дека тоа не е став ни на бугарскиот народ. Ние ќе направиме се во овие претстојни денови да изнајдеме решение. Ја прифативме заедничката историја и општата историја како што ја викаат во пријателска Бугарија како нешто што е составен дел од нашето минато. Имаме своја посебна историја и македонскиот народ и РС. Македонија и бугарскиот народ или Република Бугарија“, рече Заев по пуштање во работа на далекуводот Неокази- Пробиштип.
Тој изрази уверување дака заедно со премиерот Борисов ќе изнајдат решение за проблемите за земјата да продолжи по европскиот пат.
„Одличен мегдан е нашиот историски заеднички јунак Гоце Делчев за да не сплотува, да ја зголемува соработката и поддршката. Убеден сум дека ќе постигнеме решение и ќе направиме се што е во наша моќ за да продолжиме по тој пат. Затоа што нашиот сон е Европа која што го признава и целосно го почитува правото на самоопределување. Ние сме Македонци коишто зборуваме македонски јазик и верувам дека таквите вредности ќе опстојат комплетно и кај нашите соседи“, посочи Заев.
Тој очекува поддршка за решавање на отворените прашања да дадат и претседателите на двете држави.