Садир Јапаров назначен за нов премиер на Киргистан

Садир Јапаров

Поделениот парламент на Киргистан контроверзно го назначи Садир Јапаров за премиер, само неколку дена откако тој беше ослободен од затвор за време на превирањата околу спорните парламентарни избори во централноазиската земја. Сепак, некои членови на парламентот и другите политички активисти ја доведоа во прашање легитимноста на парламентарната седница на која беше избран Јапаров.

Политичките немири го зафатија Киргистан откако парламентарните избори на 4 октомври беа одбележани со обвинувања за купување гласови и измама од корист на статус-кво партиите, предизвикувајќи протести што ја натераа Централната изборна комисија да ги поништи резултатите.

Гласањето за одобрување на Јапаров се случи еден ден откако претседателот Соронбаи Јенбеков прогласи вонредна состојба и ги постави војниците на улиците на главниот град, како одговор на немирите и насилството. Вонредната состојба започна непосредно по судирите на 9 октомври меѓу приврзаниците на Јапаров и поддржувачите на ривалските партии кои го поддржуваат поранешниот претседател Алмазбек Атамбаев и другиот кандидат за премиер, Омурбек Бабанов.

Исто како Јапаров, демонстрантите кои зазедоа владини згради по изборите го ослободија Атамбаев од затвор каде што издржуваше 11-годишна казна откако беше осуден за корупција во јуни. Но, вчера безбедносните сили повторно го уапсија Атамбаев под обвинение за организирање немири.

Јапаров е поранешен националистички пратеник во парламентот, кој тврди дека неговото осудување во 2017 година, под обвинение за киднапирање на регионален гувернер, било политички мотивирано.