Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска изјави дека не е европски, македонскиот јазик да стане пречка во евроинтегративниот процес на земјата.
„Ако ЕУ дозволи на некој начин ова да биде пречка, тогаш нема да ја заслужи придавката во своето име „европска“ и не знам дали ќе можеме да веруваме во таква Европска унија. Мора мудрост и почит, нема пријателство без взаемна почит. Сите што сакаат македонскиот народ да му бидат блиски и пријатели мора да не прифатат кои сме и каков јазик зборуваме, а ние зборуваме македонски јазик. Без елементарна почит не може да се развива блискост или пријателство. Никој друг на светот, ниту една друга држава, соседнака или подалечна, нема право да се меша во нашето право на самоопределување“, изјави Димитров која ја предводеше владината делегација која положи цвеќе на Могилата на непобедените во Прилеп по повод прославата на 11 Октомври- Денот на народното востание.
Димитров претходно по повод празникот на Фејсбук претходно напиша дека сега треба европскиот начин на живот да се донесе дома за просперитетна држава и силна економија, со добри работни места и плати, со правда за сите, со европско образование и здравство, со чиста животна средина.