Заев: Борбата на сегашните генерации е меѓународно интегрирана држава

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев во обраќањето на централната прослава пред Спомен костурницата во Куманово по повод 11 Октомври- Денот на народното востание порача дека благодарение на жртвата и напорите на огромен број генерации денес Северна Македонија е меѓународно призната држава со сопствена армија, со државна валута и сите постулати на државност, а нејзиното место во ОН е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и идентитет.

Одбележувањето на ваквите денови, рече тој, е најсилниот потсетник за вредностите кои не смејат да бидат заборавени, но и за патот по кој треба да се продолжи, а тоа според Заев, е европскиот пат, патот на демократските вредности.

„Нашиот повик борбата на сегашните генерации е да обезбедиме развиена, безбедна и силно меѓународно интегрирана држава во која младите имаат проспертетна иднина. Токму затоа ги постигнавме договорите. Токму затоа ги постигнавме договорот од Преспа со Грција и договорот со Бугарија, со кој Северна Македонија направи пробив на меѓународен план. Сето ова се реализираше низ полноправното члелснтво во НАТО и со утврдувањето на почеток за преговори со ЕУ, како и низ градењето партнерски однос со нашите соседи“, рече Заев.

Светот, рече меѓу другото Заев, го очекува неизвесна есен со пандемијата во која се очекуваат многу предизвици, но со нив ќе се справиме само ако се почитуваат мерките.

„Токму затоа од ова место на непокор и стремеж за слобода, сакам да испратам порака Ова е нашата битка денес имаме невидлив непријатил со кого очекувам да се избориме заедно – институциите и граѓаните“, рече Заев.

Во делегацијата преводена од Заев беа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.