Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во честитката по повод 11 Октомври, Денот на народното востание порача дека македонскиот народ застанал на вистинската страна на историјата, се спротивставил против теророт и застанал на страната на правдата, човечноста и слободата. За жал, според него, денеска народот повторно е обесправен, а се тргува и со темелот на македонската држава и борбата на оние кои ја донеле слободата и дале жртва борејќи се против неправдата.
„Денеска гледаме откажување и продажба на македонските национални и државни вредности додека врз народот се врши невидена тортура и реваншизам. Неправдите, сиромаштијата и криминалот се секојдневие во Македонија. Токму затоа денес повторно е неопходно да застанеме против неправдите и да се избориме против злото за да ја вратиме Македонија на вистинскиот пат, градејќи светла и сигурна европска иднина. Сите граѓани во Македонија го живееме истото секојдневие и затоа на 11 Октомври да се потсетиме на жртвата кои ја дадоа македонските херои и да го продолжиме нивниот идеал, да се избориме за правдата и за доброто на државата и идните генерации. Патот до слободата е вечен, а тој пат го оди и нашата генерација“, стои во честитката на Мицкоски.