ВМРО-ДПМНЕ со критика до Филипче, СДСМ здравствениот систем е подготвен

Клиника за инфективни болести во Скопје

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно го повикаа министерот за здравство Венко Филипче да поднесе оставка.

„Министерот Венко Филипче секој ден ја покажува и докажува својата неспособност. Филипче велеше се е под контрола, а сега одеднаш нема место во клиниките, а ги нема ниту најавените 16 монтажни болници кои требаше да бидат готови. Истите беа бомбастично најавувани во првата половина на јули или уште пред одржување на изборите на 15 јули. По се изгледа најавата служеше за изборни цели. Освен што почнува да снемува место по клиниките, од здравствените установи почна да заминува и медицинскиот кадар“, наведуваат од партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Филипче досега имал погрешни прогнози и несоодветни и задоцнети мерки, а од неговата проценка дека ќе има околу две илјади заразени, бројката достигна 20.555, а бројката на починати се движи кон 800.

„Веќе неколку дена има повеќе од 15 проценти заразени од вкупниот број на тестирани. За погрешните политики и последиците од нив Филипче мора да понесе одговорност. Филипче да поднесе оставка!“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ соопштија дека состојбата со коронавирусот е сериозна, бројот на новодијагностицирани во последните неколку денови е голем, а заострувањето на мерките за заштита зависи од однесувањето на граѓаните и почитувањето на сите мерки и протоколи. Здравствениот систем, според партијата, и сега во есенскиот бран на коронавирусот и растот на бројот на инфицирани е подготвен, да се бори и ќе се бори со вирусот.

„Но, секој граѓанин е одговорен и важен за намалување на растечкиот тренд и спречување на ширењето на коронавирусот, со носење заштитна маска, одржување физичко растојание од два метри и честото миење и дезинфекција на рацете. Почитувањето на мерките и протоколите се најдобриот начин за заштита од коронавирусот, а оние кои ги прекршуваат ќе се соочат со санкции“, соопштија од СДСМ.

Владата предводена од СДСМ, како што наведуваат, на барање на инспекцискиот совет усвои измени на Законот за заштита на население од заразни болести. Со овие измени сите инспекциски служби добиваат нови, поголеми овластувања за справување со прекршителите на ковид протоколите.

„Заштитата на јавното здравје е врвен приоритет. Потребна е сериозна поддршка од сите граѓани. Неопходно е доследно почитување на мерките за заштита од коронавирусот“, додаваат од владејчката партија.