Пендаровски: Да се обединиме во изградбата на солидарно општество

Претседателот Стево Пендаровски

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска по повод прославата на 11 Октомври – Денот на народното востание порача дека карактерот на еден народ се цени според неговото однесување во пресвртни историски периоди. Во народноослободителниот фронт, посочува претседателот, биле обединети мажи и жени од различна етничка, верска, социјална и идеолошка позадина и сите заедно се избориле за слободна македонска држава што подеднакво ќе им припаѓа на сите нејзини граѓани.

„И денес, во вонредни услови поради пандемијата, 11 Октомври го празнуваме со чувство на одговорност и огромна благодарност. Благодарни сме на хероите за нивната жртва, но, имаме и одговорност да продолжиме да ја градиме Република Северна Македонија според концептот што тие ни го оставија во аманет. Бидејќи, чувањето на слободата е важно еднакво колку и самиот чин на ослободување. Почитувани граѓани, тогаш поразен, фашизмот, за жал, се уште не е целосно искоренет. Оваа идеологија што ги исклучува различните, останува да биде најголемиот непријател на слободата на народот и вроденото достоинство на човекот. И денес треба да се бориме, секој поединец, независно од неговата припадност, да биде безбеден и почитуван. Затоа што еднакво вредни делови на нашата човечност не се само нашите сличности, туку и нашите разлики“, стои во пораката на Пендаровски.

Антифашизмот, посочува претседателот, е цивилизациска придобивка, но, антифашистички се и темелите на македонската држава.

„Како наследници на славната воена генерација, но, денес и како дел од НАТО алијансата со јасна европска перспектива, имаме одговорност да се спротивставиме на растечкиот расизам, дискриминација и неофашизам. А тоа се прави само на еден начин: со градење на демократска држава, во која граѓаните се еднакви пред законот, и нема недопирливи за правдата. Затоа е нужно, час поскоро, да се помириме и обединиме во изградбата на солидарно општество во кое ќе се почитува правото на достоинствен живот на секој македонски граѓанин. Со тоа ќе го дадеме нашиот придонес кон прогресивното, глобално движење за човекови права и слободи, за социјална правда и еднаквост. Нека ни е честит Денот на народното востание!“, порачува Пендаровски.