Азербејџан и Ерменија се согласија на прекин на огнот чија цел е да се стави крај на една од најлошите борби во Нагорно Карабах во последните неколку години, но постои опасност договорот да се прекине во услови на нови извештаи за артилериски напади и напади со беспилотни летала. Двете страни се согласија на прекин на огнот по повеќечасовни разговори во Москва со посредство на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Покрај запирањето на борбите, примирјето кое требаше да стапи на сила денеска напладне, предвидува размена на затвореници и тела на луѓе убиени во судирите во последните две недели во и околу Нагорно Карабах. Се верува дека стотици војници и непознат број цивили се убиени во борбите.
Во текот на ноќта и на часовите пред крајниот рок, имаше извештаи за борби и обвинувања од обете страни. И на неколку часа непосредно откако договорот требаше да стапи на сила, Азербејџан ја обвини Ерменија дека го прекршила примирјето на две одделни локации долж границите со Нагорно Карабах. Портпаролката на ерменската одбрана, пак, рече дека азербејџанските сили нападнале град на источната граница на Нагорно Карабах.
Претходно, Ерменија и Азербејџан ги соопштија условите на договорот, со кој се повикува на вклучување на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во „суштински преговори со цел постигнување мирно решение што е можно побрзо“.